Банеоцин маст е комбинација од два антибиотика, наменет само за надворешна (дермална) употреба. Содржи неомицин и бацитрацин, кои имаат јако локално дејство и антисептичен ефект.
Нивниот спектар на дејствување се дополнува меѓусебно и на тој начин се подобрува целокупниот ефект, така што банеоцин маст е ефикасна против многу различни патогени (широк спектар на дејство).
Кога се користи правилно, ниту неомицинот ниту бацитрацинот не се апсорбираат во телото во значителни количини и на тој начин брзо и делотворно го развиваат своето дејство на воспалително место каде што се нанесува маста. Тие, генерално, добро се поднесуваат и нивното дејство не се намалува при секрети од рана, крв или делови од ткиво.
Поради тоа, банеоцин маст може да се аплицира локално на кожа, слузница, рани, телесни празнини, итн. Банеоцин маст е ефикасна за сите инфекции предизвикани од бактерии што се чувствителни на неомицин и/или на бацитрацин. Ефектот се зајакнува со ставање на завој.
Состав: еден грам маст содржи 250IE (Интернационални единици) бацитрацин цинк и 5000IE (Интернационални единици) неомицин во форма на сулфат.